Thursday, April 27, 2017

Масакрот кај Карпалак

Масакрот кај Карпалак — најброен масакр врз војници во воениот конфликт во 2001 година. На 8 август 2001 година 10 резервисти беа убиени, а тројца ранети кога конвој од хермелин, два автобуса, камион и комбе од Прилепската касарна одел кон Тетово. Кај месноста Карпалак конвојот бил начекан во терористичка заседа во 9:30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи. Едно транспортно возило било погодено со ракетен фрлач, при што загинале осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Со ракетен фрлач бил погоден и еден од автобусите. Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часови.
Конвојот со 13 транспортери, 15 тенкови, 30-тина камиони, потешко пешадиско оружје: топчиња, хаубици и два автобуса со резервисти одел кон Тетово, Еребино, за да изврши смена на силите и да однесе дополнителна опрема за војската којашто била сместена во Тетовско. Со минофрлачи, тромблони, зољи и автомати беше пукано од клисурата Карпалак, кога беше погоден еден камион кој се запали. Беше запалено и едно цивилно возило, а куршумите од автоматското оружје завршија и во автобусите со кои се транспортирале војниците, но возачот успеал да го оддалечи возилото од местото на заседата.


Крале Марко во народното творештво

Релјеф со Крале Марко на портата „Македонија“ во Скопје.
Крале Марко е најголемиот јунак во народното творештво на Јужните Словени: за него, постојат голем број легенди и преданија, а тој е и најопеаниот јунак во народната епска поезија. Притоа, во народните песни, Крале Марко е обдарен со необични особини и со огромна, неверојатна сила, која ја стекнал уште од раѓањето. Така, уште на третиот ден по раѓањето, во домот на Волкашин дошоле три наречници, а една од нив предвидела „Марко јунак да е, кога момче оно да порасте, на татка си коски да му скрши“.
Подоцна, Марко стекнал јуначки коњ, Шарец, кој потекнува од кобилата која ја јавал Волкашин. Шарец, исто така, поседува неверојатна сила и необични способности, на пример, тој знае да зборува и понекогаш му дава корисни совети на Марко. Така, во песната „Марко наоѓа Шарца крај езеро и си граби невеста“, кога Марко бил стигнат од зетот на Ангелина и мисли дека ќе загине, Шарец му кажува да ги запре надојдените дрва и камења и така да ја премине реката. Во песната „Марко Крале и црна Арапина“, кога Марко сака да се врати во Прилеп за да си го земе оружјето, Шарец му кажува дека под неговата грива е скриена сабја. Во народната песна, Шарец е опишан на следниов начин: „шаренаго коња дебелаго, дебелаго коња кршигора, од ноздри му пламен излегува, а од уста саде бела пена, бела пена со крв измешана, од планина скока на планина, а зад него дождој од камења, што ги фрла коњот со копита“.[ Исто така, Марко се снабдува и со посебно оружје - сабја која „се дипли дванаесет дипли...што ми сече дрвја и камења“. Оваа сабја, Марко ја купил во Стамбол за 900 дукати.
Крале Марко бил оженет со Ангелина, ќерката на ковачот Јано од Солун, кој му бил побратим на татко му Волкашин и му го потковувал коњот. Притоа, Марко не ја освоил Ангелина со јунаштво, ниту пак го привлекол нејзиното внимание, туку ја грабнал на денот на нејзината свадба, служејќи се со итрина: „Ангелина му се поклонила и повторно рака целивала. Тога Марко за рака ја фатил и ја фрлил зад себе на коња... и си летнал по бели друмови“.Според народната песна, подоцна, поради една банална причина, Марко ѝ се скарал на Ангелина и си заминал во Солун, каде седел три години и не сакал да се врати дома. Оттука, таа се премажила за јунакот Беле од Костур, но Марко отишол кај неа и жива ја запалил.[7] Во друга песна е опишано дека Крале Марко се оженил со ќерката на некој поп Никола, која ја грабнал, служејќи се со итрина, така што фрлил дукати меѓу сватовите за да ги збуни.
Инаку, интересен е физичкиот лик на Крале Марко, кој сам по себе е доволен секому да му влее страв. На пример, тој „засукал мрка мустаќина, еден мустаќ до три руна црни, ми натмурил очи соколови, и над ними веѓи пијавици како црни крила ластовички“,[9] а на друго место, неговите мустаќи се опишани на следниов начин: „во уста нешто црно носи, како јагне половингодишно“.[10] Кога Марко го јава својот коњ, неговата сила е толку голема, што „се затресла клета црна земја, завеале силнине ветрови, прибучале реки и езера, с'исплашиле луѓе по градишта, и ѕверови длабоки пештери, сите пилци мали по земјата“.
Се разбира, јунак со ваква физичка сила, со необичен коњ и со моќно оружје, немал страв од никого и лесно се справувал со своите противници. На пример, уште како дете, кога му бел девер на Релјо Шестокрило, свадбената поворка била пресретната од ѕвер со три глави од кого сите сватови избегале, само „Марко, брате, не ми се уплаши... Марко ми се јуначки бореше...три сааати токмо се бориле, дури Марко ѕверетина кутнал“. Неговата сила е толку голема, што лесно може да фрли тежок камен на далечина од „пет саати место“, а при средбата со Господ, Марко дури успеал малку да ја поткрене целата Земја. Еднаш, кога царот Мурат издал наредба „каурин зелено да не носи, сите ми го цара послушале, не послуша Марко Кралевиќе, тук ми носи зелена долама“. Во борбата против црна Арапина, кога тој го удрил со боздоганот, Марко само му одговорил: „ал се смееш ал вистина маваш, ал од кожув праот ми го тресеш!“, а потоа, толку силно го удрил Арапот, што нему „снагата во земи му пропадна, а глава му на страна побегна“.
Покрај со физичката сила, понекогаш Марко се служел и со итрина за да ги совлада непријателите. На пример, кога бил ослепен од Јуда самовила, „Марко ѝ се милно-жално моли: Дај ми, Јудо, око половина, да си видам моја добра коња“, а потоа тој го зел боздоганот и ја претепал самовилата.[17] Во друга прилика, тој се преправил во калуѓер за да влезе во дворецот на Беле од Костур. Во борбата против Корун разбојник, по тричасовна борба, Марко паднал на земја и се спасил така што „се побара в свилени појаси, си извади потајно оружје, го распора Корун арамија“. Подоцна, поради големото фалење, Крале Марко ја загубил силата, така што повеќе не бил најголем јунак, но продолжил да ги победува посилните од него, служејќи се со нечесни методи на борба. Таков бил случајот со борбата против седумгодишното дете Дукадинче, кое било седумпати поголем јунак од него, но Марко го победил така што ненадејно го пресекол со сабјата, додека детето го подготвувало својот коњ. На ист начин, служејќи се со итрина, Марко го убил и Груица Детенце.
Често, во народната песна, Марко е прикажан како човек со големо чувство за праведност, кој секогаш е на страната на слабите и поробените. На пример, читајќи го писмото од германската кралица, Марко ја собрал дружината и заминал во Германија каде никој не можел да направи свадба поради насилството на Арапите. Поради истата причина, Марко отишол на Косово Поле, ослободувајќи ги младите момчиња и девојки до обврската да му плаќаат данок на црна Арапина. Еднаш, на Велигден, одејќи на причесна во Света Гора, Марко го сретнал црна Арапина како водел три синџири со робови и „и го молел робје да отпушти, ал за атер ал за многу пари, колку сака Марко да му даде“, а откако Арапот одбил, Марко го убил Арапот и ги ослободил робовите.
Исто така, тој имал голема почит кон татко му, така што дури и кога Волкашин не бил во право, Марко му попуштал и не сакал да му се спротивстави: „Кога видел Марко Кралевиќе, оти татко му ќе го загуби, чест му сторил не му се спротивил, трештил Марко пред него да бега, и не кренал рака на татка си, да не земе клетвата од бога“.[
Меѓутоа, во народната песна, ликот на Крале Марко не е секогаш идеализиран, туку тој поседува и многу негативни црти. На пример, кога бил дете, Марко ги чувал селските телиња, но „телци пасел три дена и три ноќи, четврти ден ми истепал телци“. Исто така, тој е завидлив, како при градбата на манастирот во Варош, кога Волкашин го насликал својот лик на вратата, „син му, Марко, богме му завидел и тој ми се одлево написал во одежди и кралски коруни“. Марко бил и голем фалбаџија и често сакал да се фали со својата сила: „...и тој ми се јуначки пофалил: зар јас не сум појунак од татка?“[28] Во една прилика, кога се собрале 70 кралеви, Марко им се пофалил дека „јас сум од вас, бре, појунак...нигде јунак нема спроти мене, крај да има мајка црна земја, с една рака неа ќе превртам, да ми слезе господ од небеси, и со него на мегдан излагам!“
Понекогаш, Марко бил и плашлив и бегал од своите противници, како во песната „Марко наоѓа Шарца крај езеро и си граби невеста“, кога бегал од зетот на Ангелина. Притоа, Марко стигнал до надојдената Галичка Река и „тога Марко беше се уплашил до реката дека беше стекла и од јунак дека го привтасал“ жалејќи му се на Шарец „дејди, Шарец, ние погинавме, од јунака, богме, од Краина, уште малце, ете го н'е втаса“. Исто така, во една прилика, Марко бил победен и врзан од Гино Арнаутче, но го ослободила неговата посестрима, крчмарката Ангелина; другпат, Марко бил врзан од еден Арап, а тогаш го ослободил Секула Детенце; еднаш, едно Еврејче сакало да го убие Марко, кој едвај бил спасен од страна на Јанкула војвода; а во песната „Темишварин Ѓуро, Марко Кралевиќе и Дете Голомеше“, Марко Крале дури бил и натепан од Дете Голомеше, кој му удрил 15 боздогани како казна дека не ја одбранил невестата.

Најпосле, во некои песни, Марко е прикажан како премногу суров и немилосрден човек, кој постапува ѕверски дури и кон жените и децата. Така, кога пристигнал во куќата на Филип Маџарин, Марко ѝ го пресекол јазикот на неговата жена, затоа што таа не му кажувала каде е нејзиниот маж, а освен тоа, „ми зеде она машко дете, во дивани него го преѕвони, диван ми се крви облеало“.[ Друг таков случај е кога Марко се скарал со жена му Ангелина само поради тоа што таа не му ја полнела чашата до крај, при што, „се налути Марко Кралевиќе, што се скарал со своја невеста, си побегнал во Солуна града, што ми седел токму три години“, а кога таа му напишала писмо, молејќи го да се врати, Крале Марко ѝ напишал дека „за инат сега не си идам, тук ќе седам уште три години“. Потоа, кога Ангелина се премажила, Марко отишол кај неа и „ми зело една рогозина, ја намачка смола и катрана, ја завитка млада Ангелина, ја запали и ми ја изгоре“ и направил уште погрозно злосторство „пресекол дете малечкаво, та наранил ’рти ем загари“.

ФК ПОБЕДА-ПРИЛЕП

ФК Победа е фудбалски клуб од градот Прилеп кој се натпреварува во Првата македонска фудбалска лига.
Клубот е формиран во 1941 година. Најпрво подго носел името „Гоце Делчев“ за подоцна да го промени во денешното име „Победа“. Во поранешната СФРЈ седум пати бил првак на Македонија и тоа во сезоните: 1952/53, 1958/59, 1961/62, 1962/63, 1978/79, 1980/81 и 1985/86 со тоа освојувајќи најмногу шампионски титули во тогашната Републичка лига. Никогаш не успеал да влезе во најквалитетната Прва лига иако на неколку пати е на чекор од неа.
Од осамостојувањето на Македонија се натпреварувал во најквалитетното друштво и секогаш бил на самиот врв а ги има освоено и шампионските титули во сезоните 2003/04 и 2006/07 и пехарот во националниот Куп во сезоната 2001/02. Домашните натпревари ги играл на градскиот стадион Гоце Делчев во Прилеп кој има капацитет од 15.000 гледачи, а настапувал во традиционалните црвено-бели дресови. Поради местењето натпревар со ерменски ФК Пјуник, Победа била казнета од УЕФА и ФФМ и била остранета од Првата лига.
Клубот наследник кој ги превзема трофеите и историјата бил основан во 2010 година под името "Викторија", подоцна сменето во Победа Јуниор. Сепак, тие не се сметаат за наследници на оригиналната Победа, и резултатите на двата клуба се запишуваат посебно од ФФМ. Но, откако казната помина, Победа експресно се врати од Третата до Првата македонска фудбалска лига.




Wednesday, April 26, 2017

"Св.Архангел Михаил" Варош

Варошкиот манастир се наоѓа во подножјето на Маркови кули во населбата Варош во непосредна близина на Прилеп. Манастирот се состои од црквата „Св. Архангел Михаил“ и двата манастирски конаци. Денот на манастирот е празникот Балаклија или Источен Петок. Манастирот е посветен на светиот Архистратиг Михаил (св. Архангел Михаил) - Началник и Војвода на сите небесни чинови. Во 1998 година, во манастирот е обновен монешкиот живот и денес, за него се грижи петчленото сестринство. Манастирот е масовно посетен од верниците, бидејќи во него се чуваат дел од моштите на св. Козма и Дамјан, како и моштите на св. Стилијан. „Св. Архангел Михаил“ се вбројува меѓу најубавите и најзначајните културни споменици и религиозни центри во Македонија поради што е ставен под заштита на државата како Споменик на културата.Свети Архангел Михаил“ е главната и единствена манастриска црква во Варошкиот Манастир. Легендата за потеклото на манастирот започнува во X век, кога некој непознат ученик на св. Климент Охридски се населил во некоја од карпите каде што водел осаменички живот. Денес, неговото име не е познато, но во прилог на легендата зборува фактот што местото каде што се наоѓа манастирот се вика кај Светецот. Црквата е изградена на старо култно место за што сведочат античките мермерни столбови кои се употребени во нејзината изградба. На едниот од нив е исклесан стар натпис со кирилично писмо од 996 година кој е втор најстар кириличен натпис пронајден во Македонија.
Меѓу XI век и XIII век, црквата била повеќепати градена и разурнувана. Од тој период, постои трага само од северниот ѕид на црквата каде сé уште постојат делови од фрески од XII век. Исто така, од тоа време останале и фреските во подземјето на црквата кои образуваат тунел. Кон крајот на XIII век, големиот хартулариј Јован повторно ја изградил црквата и ја посветил на св. Архангел Михаил. Имајќи предвид дека од претходната црква останал само мал дел, може да се заклучи дека црквата во целост е ктиторско дело на владетелот Јован. За тоа сведочи и фреската на западната страна на црквата на која Јован е претставен како ктитор кој во рацете го држи моделот на црквата. Притоа, тој е насликан како великосхиник, а натписот кажува дека тој се замонашил во манастирот. Подоцна, прилепските владетели Волкашин и Крале Марко ја обновиле црквата за што сведочат двете фрески на влезот на кои се претставени двајцата владетели.
Денешниот изглед на црквата, со исклучок на западниот дел, ги носи сите карактеристики од последната преправка која е извршена во 1861 година. АСпоред архитектонското решение, црквата претставува еднокорабна градба. На источната страна се наоѓа полукружна апсида, а на западната е отворен трем над кој се издига камбенаријата. На јужната фасада од западниот дел на црквата, зачуван е само еден од оригиналните прозорци кој се наоѓа во горниот дел. Останатите прозори на јужната страна и северната фасада на источниот дел од црквата се изградени 1861 година, при последната поправка. Црквата Св. Архангел Михаил во научниот свет била предмет на проучување. Проблем претставувало нејзиното првобитно подигнување и подоцнежните доградби. Имено, едни тврдат дека западниот дел е првобитен, а други источниот. Најновите истражувања одеа во прилог на тезата дека источниот дел е првобитен, а подоцна кон западната страна на таа црква бил подигнат, односно дограден, дел со купола. Во 1861 година дошло до израмнување на западниот дел од надворешната страна, подигање на камбанеријата и поставување мермерна плоча во која се зборува за обновата на црквата.

Прилепската Саат Кула

Саат кулата е изградена во центарот на Старата чаршија во 1858 година, на местото на постара дрвена Саат кула, која што изгорела во пожар, што ја зафатил целата Стара чаршија во 1854 година.
Ја изградиле познатите прилепски мајстори, Коста Лауц и Ристе Тасламиче.
Кулата е градена на шестоаголна основа со масивни делкани камени блокови во висина од 20,50 метри и скелетен систем од дрвенСа конструкција. Вкупната висина на објектот е 38,76 м. Интересен податок за Саат кулата во Прилеп е тоа што таа има инклинација од 114,4 см.
Во 1985 година, од страна на проф. доктор Борис Чипан е изготвен Проект за конзервација на Саат кулата, кој беше реализиран во текот на 1986 година.
Во 2010 година институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија од Скопје по барање на прилепскиот Музеј изготви идеен проект за санација и стабилизација на инклинацијата на Градскиот Саат, со што би се спречил прогресивниот процес на навалување.

Во 2013 година е извршена санација и стабилизација на Градскиот Саат во вредност од 5 милиони денари.Саат кулата има натпис на влезот:
„Чукањето на саатот не е секогаш означување на времето.
За животот и времето што минува,
саттот жали и вика: Ах!
Новиот саат изграден во 1275 хиџра
(11.08.1858-30.07.1859)
Пожарот се случи 1271 хиџра
24.09.1854-12.09.1855)
Благодарност на Алах“
Преведено од Ахмед Шериф
Под саат кулата се наоѓа Градска чешма. Според мермерната плоча која е вградена во неа, таа е изградена во 1826 година, најверојатно кога постоела и дрвената кула.
Чешмата ја подигнал Саид Ага во 1826 година, а ја обновил Есад Ага во 1836 година а последната поправка на чешмата била извршена во 1896 година.
_____________________________________________________________________
ГОЛЕМАТА СААТ-КУЛА
Големата сат кула беше висока,
највисока и најувава од сите
повеќе од двесте години градена
пoдигната од Саид-ага, Лауцот
и Тасламиче како ѕидари млади,
со еснафски градски што многу се слушат.
Често пати преправана таа беше
часовници ставени од сите страни
направени така далеку да вијат
како моми в`танец што играат стројно
како ветар тивок да поддувнувал в`зори
како милна песна пропеана в`оро,
како мраморна чешма што тивко збори,
како кучиња надвор вијат и плачат
како јастреби и орли што се кријат јачат…
На влезната врата со арапско писмо
испишано стои: не радуј се човеку
од гласот негов зашто си постар,
чукни на саатот и времето што мине
одминува и силно вика долго ах…
Животот и времето на саат-кулата
беа навалени, свиткани над градот
како искривената кула од Пиза
градот Галилејов, за туристите рај
и многу постара од нашата кула,
но сепак споменици културни се знај.
ЈОВАН БАШЕСКИ


Tuesday, April 25, 2017

Интересни легенди поврзани со Прилеп

Прилеп-Како и за други македонски градови, така и за Прилеп има неколку преданија за тоа како е настанат градот.
Едната од нив вели дека кога луѓето почнале да се населуваат во овој предел, ги „прилепувале“ своите куќи до Марковите кули и потоа се оформила прво наслелба, а потоа и град кој се нарекувал Прилеп.
Второто предание вели дека луѓето што се населувале правеле многу леб, па местото се прочуло како „прилебно место“ (место каде што се прави леб). Според самиот Блаже Конески, името Прилеп е создадено од личните имиња Прилепа и Прилепка кои се дел од руската антропонимија.

Слоновата Главаека природата изработува исклучителни дела доказ е атрактивната карпа на слонова глава, создадена од две природно споени карпи во археолошкиот комплекс Маркови кули. Познатиот истражувач Роберт Рипли го претставил како мало чудо на природата. Камениот слон, кој на некои им личел и на штрк, е висок околу осум метри и поставен на карпест постамент во подножјето на кулите. Од слонот, Прилеп се гледа како на дланка. Тоа упатува на можноста дека жителите од древните населби Варош и Маркови кули биле активно вклучени во духовниот и материјален живот врзан за слонот. Заедно со околните гробови во карпестите површини, може да се заклучи дека тој простор и слонот биле култно место за повеќе ритуали. На повисокиот дел од карпата се препознава издлабена камара во која сè уште се видливи остатоци од фрескоживопис. За жал, не може да се открие кој е светецот на фреската, бидејќи е сериозно оштетена. Луѓе што имале направено лоши дела доаѓале до слонот, во камарите секогаш полни со вода на миење раце и лице за да се исчистат. Најраширено е преданието дека слонот бил ослободување од јаловост. Штири жени се вртеле околу слонот со свеќи в раце во ноќите меѓу петок и сабота за да ги смилуваат вишите сили да им дадат челад. Сочувана е приказната од некој варошки бербер со прекар Богомилецот дека околината на слонот била вртилиште на Богомилите, бидејќи во Варош било развиено богомилството. Затоа, населбата Варош потоа прераснала во христијански центар со 77 храмови. Богомилецот дури го споменувал и присуството на дедо Богомил на простори околу слонот. Легенда оди дотаму што зборува дека Ханибал ги донел слоновите во Прилеп на поклонение на камениот природен монумент како слон по освојувањата на Рим.